Герила акција и нови реакции за резултатите од Годишната програма за култура

Не стивнуваат реакциите во врска со резултатите од Годишната програма за култура. Денеска на плоштадот, на прва „ Партизанска“ во центарот на Скопје, осамна скулптура на ножица, на која пишува Култура. Преку овој герила акт од независната уметничка сцена ги критикуваат крупните кастрења на сретства со Годишната програма и укажуваат на непочитувањето на принципите од усвоената Национална стратегија за култура.

Загрозена е цената на авторскиот труд со Годишната програма за култура, велат од ДПМ. Според претседателката на Друштвото, тие ќе се жалат до Министерството зашто сретствата им се скратени за повеќе од 100 илјади денари во однос на лани, подржани се 45 писатели, од кои најголем број со многу ниски износи, а драстично е намален фондот за традиционалните награди.

Фондот , одобрен за традиционалните награди на Друштвото изнесува 34 500 ден., што е апсурдна цифра во споредба со побараните 495 000 ден., кои требаше да бидат чекор понапред од добиените 450 000 ден. за истите награди во изминатата година, вели Соња Стојменска Елзесер.

Жалби до Министерството за одбиените проекти ќе испратат и од Младинскиот културен центар, од каде побараа промена на моделот на распределба на сретства во културата.

Музичка дејност не може да биде и фолклор и класика и естрада и се во едно и нормално да добијат нула денари „ Здраво млади“, фестивал со 5000 публика, вели Русе Арсов, в.д директор на МКЦ.

Со отворено писмо до министерот за култура Адеми, се јавија од Европското движење во земјава, поради одбивањето да се подржи одбележувањето на 9 Мај- Денот на Европа.

Сметаме дека е скандалозно да се прекине европската традиција на македонската општествена сцена, токму во време кога Република Македонија прави невидени напори и жртви со цел да се приближи кон членството во ЕУ и кон европските вредности, чие негување се обидува да го спречи токму Министерството со кое раководите, велат од Европското движење.

Слично одреагираа и од Општина Ресен, каде не е подржан фестивалот „ Актерот на Европа“, кој веќе 16 години се организира на брегот на Преспанското езеро.

Изразуваме длабока разочараност од бруталната одлука со која оваа иманентна културна одредница на европеизацијата на Балканот, е избришана од Министерството за култура. Фестивалот прерасна во симбол, во срцето на секој граѓанин од трите страни на езерото, на генерациите кои растеа во духот на мислата на Жан Моне, таткото на Европа, кој рекол „ Да се гради Европа значи да се гради мир, вели градоначалникот Живко Гошаревски.

Дали има криминал при одлучувањето по апликациите за Годшната програма за култура, како што рекоа, ќе утврдуваат од новата Aнти корупциска комисија. А разрешница на скандалот со резултатите од Годишната програма, се очекува до крајот на работната недела, по средбата на министерот за култура и премиерот.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ