
Министерството за култура ги задржува Теодосиевски и Барџиева Трајковска како соработници
Златко Теодосиевски и Донка Барџиева Трајковска остануваат соработници на Министерството за култура, како дел од повеќе работни групи кои се активни и работат на прашања, во одредени области на културата. Вака гласи одлуката на Министерството за култура, по денешните реакции за престанување на советодавните функии на Теодосиевски и на Барџиева Трајковска во Министерството за култура, за кои тие дознале од известувања, добиени од министерството по новогодишните празници. Во дописот од ресорното министерство се вели дека нивниот ангажман, со почетокот на оваа година им се прекинува само во делот на нивната советодавна функција, како советници на министерот.
– Министерството за култура цврсто стои на заложбите за остварување на реформските процеси кои ги најави како и на усвоената Стратегија за култура 2018-2022 година, и ги продолжува сите започнати реформски процеси по Акциониот план на овој стратешки документ. Во таа смисла, Министерството посветено, со непрекинато темпо продолжува на работата на Законот за остварување јавниот интерес во културата и на новиот Закон за заштита на културното наследство, дополнуваат од Министерството за култура во дописот.
Златко Теодосиевски беше назначен за член на работната група за проектот Скопје 2014 и за координатор за спроведување на усвоената Национална стратегија за културата 2018-2022 година. А, Донка Барџиева Трајковска е исто така член на работната група за „ Ск 2014“, ги подготвува измените на Законот за заштита на културното наследство, работи на Листата на културното наследство и на ревизијата на работата на Управата за заштита на културното наследство. Двајцата беа назначени на функциите , со решенија од претходниот министер, Роберт Алаѓозовски.
С.Т.