Даница Павловска: Да се врати стариот изглед на Владата

Архитектката и активистка, Даница Павловска упати отворено писмо до Министерството за култура и до Владата, во кое бара запирање на статус кво ситуацијата и решително справувањето со последиците од проектот Скопје 2014. Павловска предлага рехабилитацијата на јавниот простор да започне од објектот на Владата и да продолжи со одредена динамика. Од Министерството одговараат дека  работна група , формирана за „ Ск 2014“, може да започне со анализа откако на Влада ќе помине заклучокот, а од Владата најавуваат дека иницијативата ќе биде разгледана.

Се бореше против барокизација на ГТЦ, а сега се бори за рехабилитација на јавниот простор од проектот  Скопје 2014. Архитектката и активистка Даница Павловска, упати отворено писмо до Министероството за култура и до Владата, во кое бара запирање на статус кво состојбата и решителност од извршната власт во справувањето со последиците од проектот Скопје 2014. Павловска очекува Владата да донесе одлука и да изготви оперативен план со динамика на интервенции, што би го опфатиле враќањето на стариот изглед на јавниот простор во центарот на Скопје. Таа предлага, како што вели, деконтаминацијата на просторот ,  да започне од зградата на Владата.

  • Очекувам овој објект во кој што е сместена Владата, да биде прв во низата интервенции за да биде показ дека дефинитивно се менува односот кон она што е оставено, што ни е грдо наследство, вели Даница Павловска- архитект и активист.

За оваа иницијатива, Павловска добила подрша од фелата и смета дека може да се вклучи и архитектот Петар Муличковски, кој е автор на објектот, што беше рефасадиран и реконструиран од власта на Груевски, без негова дозвола. Од Министерството за култура потврдуваат дека го добиле писмото од Павловска и велат дека формираната работна група која подготвува елаборати за „Скопје2014“, ќе може да го анализира објектот, откако Владата ќе донесе заклучок за тоа и го задолжи Министерството.

  • И откако Министерството за култура ќе предложи мерки за справување со последиците од таа нелегална реконструкција на објектот. Се разбира, започнувањето на анализата на случајот ќе биде можно и откако Владата ќе ги достави сите сочувани документи и проектна документација за објектот, велат од Министерство за култура.

А од Владата изразуваат отвореност за сите иницијативи од јавен интерес и велат дека тие ќе бидат соодветно разгледани. Објектот на Владата беше рефасадиран и внатрешно преуреден од претходната власт, за сума од 5, 2 милиони евра. Од нив над 16 милиони денари беа потрошени за внатрешно преуредување и за нова фасада, а оградата од ковано железо чинеше 700 илјади евра. Во преуредувањето беше вклучена фирмата Архитектоника, чиј косопстеник е архитектот Жарко Чаушевски.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ