
ЛУАН СТАРОВА – КОНЕСКИ ОБЕЗБЕДИ ТРАЈНО МЕСТО НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО СВЕТСКОТО СЕМЕЈСТВО НА ЈАЗИЦИТЕ И КУЛТУРИТЕ
Во Македонската академија на науките и уметностите беа промовирани три изданија во чест на првиот претседател на МАНУ Блаже Конески. Станува збор за изданијата „Епоха Блаже Конески“ од академик Георги Старделов, „Блаже Конески – Чествувања по повод јубилејот 50 години МАНУ“ чиј приредувач е академик Луан Старова и „Критички изданија за Блаже Конески“ во редакција на академик Милан Ѓурчинов. Денешната промоција е воедно и оддбележување на денот на раѓањето на нашиот јазичен, книжевен и културен подвижник Блаже Конески, беше истакнато во промотивната реч. Според академик Фити книгата за големиот Блаже е сè уште недовршена. Долго ќе се пишува за нашиот Блаже Конески, долго ќе се анализира неговиот грандиозен научен и поетски опус, долго неговите дела ќе претставуваат вистинска инспирација за плејада творци од областа на македонистиката и славистиката, од областа на лингвистиката и литературната наука, творци од сегашната генерација и на тие кои ќе доаѓаат, рече Фити.
„Нема сомнение дека академик Блаже Конески влегува во редот на најмаркантните личности од поновата историја на Република Македонија. Нема сомнение дека неговите заслуги и придонеси за македонистиката, за славистиката, македонскиот јазик, книжевност, литература се огромни и факт е дека неговото монументално дело е вградено во темелите на МАНУ“, смета акад. Таки Фити, претседател на МАНУ.
„Денешниот ден е свеченост. На денешен ден, пред 97 години се роди нашиот јазичен, книжевен и културен подвижник Блаже Конески. Го славиме раѓањето на Блаже Конески великанот на македонската книжевност и наука, човекот што е симболска парадигма на нашата епоха на слободно јазично, слободно културно и слободно општествено живеење“, истакна проф д-р Иван Џепароски во промотивната реч за „Епоха Блаже Конески“ од академик Георги Старделов.
„Самата општествена и културна констелација во државава налага да се потсетиме на значењето и важноста на книжевно- уметничкото творештво на Конески, што пак подразбира истакнување на неговите суштествени карактеристики“, забележа академик Катица Ќулавкова.
„Величината на творечкиот опус на Блаже Конески се состои во неговата моќ да продре во сложените комплексности и противречности што ги обележуваат јазичните феномени за да дојде до едноставни и функционални решенија со пресудно значење за македонскиот јазик за да обезбеди трајно и неприкосновено место во светското семејство на јазиците и културите“, заклучи академик Луан Старова.
Според Старова за Блаже Конески се пишувани и ќе бидат пишувани книги, за неговиот лингвистички опус што се од пресудно значење за научната вистина на македонскиот јазик, за неговото книжевно дело. Меѓутоа човекот Блаже Конески е една друга вистина која заслужува посебно внимание. Неговата емпатија, неговата добрина, неговиот однос и разбирање на Другиот се навистина легендарни“, истакна академик Луан Старова кој воедно и го приреди изданието „Блаже Конески – Чествувања по повод јубилејот 50 години МАНУ“ .
Нина Стефанова