
Несогласувања го стопираа проектот за обнова на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново
Во застој е проектот за обнова на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, поради несогласувањата меѓу тимот од битолскиот Завод и музеј и стручна комисја од Националниот конзерваторски центар, како понатаму да продложат работите кои започнаа пред пет години. Во меѓувреме, еден од најзначајните споменици на културата пропаѓа. Целата градба и фрескоживописот, каде е и надалеку познатата фреска „Ангелот од Курбиново“, се во исклучително лоша состојба.
Тимот од битолскиот Завод и музеј вели дека застојот се должи на забелешките на стручната комисија, но и недостигот на пари.
Има различни мислења околу начинот на кој што треба да се консолидира архитектурата. Ние излеговме со еден проект кој што е многу обемен, Комисијата за контрола најде одредени забелешки на проектот, но не даде други солуции и алтернативи, сега тоа е проблем. Најдовме решение во доплнителни истражаувачки работи кои не беа навремено финансирани, вели Ристо Палигора, советник конзерватор од Завод и музеј Битола.
Од Министерсвото за култура пак тврдат дека застојот не од финансиски причини, туку затоа што Комисија не го прифатила Проектот за конзервација и реставрација, кој не е според меѓународните стандарди, а тимот од битолскиот Завод и музеј не ги почитувал препораките.
Не станува збор за забелешки од Комисијата, туку за неприфаќање на проектот и потреба од изработка на нов, кој досега не е изработен. А во однос на тоа дека Комисијата не нуди „решенија“, неопходно е да го потсетиме раководителот на тимот дека само тој што истражува, може и треба да понуди решенија. Бидејќи тимот одбива да постапи по заклучокот на Комисијата и го доведува во опасност споменикот, се јавува неопходна потреба од промена на тимот, вели Донка Барџиева, советник на министерот за култура.
Додека државните институции водат преписки и се убедуваат, месното население бара што поскоро да продолжат активностите во црквата.
Одолговлекувањето резултира со тоа што постепено се распаѓаат сите фрески, а пропаѓа и манастирот кој опстојувал повеќе од 800 години. Во 21 век да го доживува ова, не е чесно за историјата и културата на Република Македонија, вели Митко Ристески од Курбиново, домаќин на храмот.
Освен објектот, целосно е запуштена и околината, патотот е тесен и лош, во црквата нема струја, вода, ниту санитарни јазли. Апел за забрзување на активностите во манастирот во Курбиново, како и инфраструктурни услови за пристап до објектот, упати и ресенската локална самоуправа, на трибина што на оваа тема се одржа во Ресен.
Емилија Мисирлиевска