
Испуштени работни места, мешање термини и губење година за конкурс-забелешки за Предлог законот за јавен интерес во културата
Во Предлог законот за остварување јавен интерес во културата, нема ни 5 % од работните места што треба да влезат во новиот Колективен договор во подготовка, велат од библиотечната дејност.
Имаат ставено правник. Правник е професија. А, работните места, раководител на сектор, раководител на одделение, советници и помошно –стручни лица што се во Ѓ1 , ни едно од тие работни места ги нема, за разлика од Законот за административни службеници, каде што се внесени во каталогот на работни места, вели Васко Тодоровски, секретар на Градска библиотека „Браќа Миладиновци.
Од музејската дејност бараат принципиелно да остане називот Закон за култура и сметаат дека во предлогот, непринципиелно се раздвојуваат уметниците од културните работници и терминолошки се мешаат.
Цело време се мешаат изразите културен работник, уметник, култура, остварување уметничка извонредност, некој израз има. Па, после тоа има повторно во член 6, став 1 и 2, прво се вели дејност од областа на културата, а потоа уметничко творештво, вели Гордан Николов, директор на Музејот на Македонија.
А, од независната сцена сметаат дека дебатата е задоцнета, зашто и покрај промената на категоријата самостојни уметници во културни работници, поради неносењето на законот годинава , го испуштиле конкурсот во октомври.
Бидејќи законот не беше донесен и категоријата културни работници автоматски не влегува како официјална категорија, губиме една цела година, вели независниот уметник Виолета Качакова.
Од работната група најавија измени во Предлог законот, што се однесуваат на промената на терминот национален интерес во јавен, право за регистрација на самостојните уметници како културни работници и преиспитување на можноста за отворање два конкурси годишно за финансирање проекти на установите, поединците и за невладиниот сектор.
Сотир Трајков