
Музејот на Македонија го изложи наследството на етничките заедници
Во Музејот на Македонија синоќа беше отворена изложбата „Етнолошкото наследство на етничките заедници во Македонија”, што е прва изложба во Музејот која интегрално го претставува културното наследство на етничките заедници . Во свечена атмосфера, присутните гости, авторите на изложбата и љубителите на уметноста ги поздрави министерот за култура Асаф Адеми кој ја поздрави иницијативата на Музејот на Македонија и на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија за презентација на оваа вредна изложба.
„Разновидноста и мултикултурализмот, како едни од суштинските квалитети на европскиот дух, одамна се во фокусот на Европската Унија, но истовремено тие се и одлика на македонското општество“, рече министерот Адеми,
Тој ги покани сите граѓани да ја погледнат изложбата, преку која, како што рече, ја градиме почитта кон сите народи, ја негуваме различноста и уникатноста која на ова поднебје постоела со векови. На свеченото отворање на изложбата „Етнолошкото наследство на етничките заедници“ говореа и евроамбасадорот Самуел Жбогар , министерот за дијаспора Едмонд Адеми, и директорот на Музејот на Македонија, Гордан Николов.