Нотирани повеќе недостатоци и забелешки во Предлог- законот за јавен интерес во културата

На Предлог- законот за јавен интерес во културата, му недостасува претходна анализа за постоечкиот Закон за култура и за усвоената Национална стратегија, категоричен е претседателот на МНК на ИКОМОС.

Недостасуваат одредени работи како на пример истражувачки работи. Односно, анализа на Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 . Внатре сигурно има некои активности кои не се набележани како преамбула, како анализа на веќе постоечкото нешто. Второ, нема анализа на постоечкиот Закон за култура, кој се менува. Туку директно се предлага нов проект, нов закон, вели претседателот Лазар Шуманов.

Техничко прашање е вклучувањето на членот 26 во Предлог законот, кој се однесува на определувањето на директорските плати. Тој член треба да оди во друг закон, смета Шуманов. А, потребно е и прецизирање во документот на условите за избор на директори, велат од Градскиот музеј во Крива Паланка.

Прецизирање на услови во однос на избор на директори и заострување на критериумите, за да бидат тие со подобар афинитет и подобра позадина, кога се избираат за директори. Од друга страна, да бидат дел од дејноста, односно носители на дејноста, вели Драган Величковски, директорот на музејот.

Со Законот за јавен интерес во културата, се очекува забрзување на процесот на децентрализација и акцентирање на стручноста на кадарот. Но, тоа отсуствува во предлог текстот.

Сметаме дека треба повеќе да се обрне внимание на стручноста на самите кадри. Каков тип на кадри ни се потребни и каков тип на технички решенија, за да функционираат работите, вели претседателската на МНК-ИКОМ Маја Чанкуловска-Михајловска.

Сите дејности во културата треба да бидат попрецизно опфатени во Предлог -законот. Со тоа, посебните закони за дејности што ќе се прават во иднина, би биле поквалитетни, рекоа од Заводот и музеј во Битола. Забелешките ќе бидат разгледани од работната група при Министерството за култура и ако бидат оценети како добри, ќе влезат во финалната верзија на Предлог законот за јавен интерес во културата, велат од ресорното министерство.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ