Режисерот Александар Ивановски нов в.д. на Велешкиот театар

Велешкиот театар доби нов в.д. директор. Министерот за култура Адеми  го потпиша решението со кое на местото на актерот Младен Крстевски, од денеска со установата ќе раководи  режисерот Александар Ивановски, велат од ресорот Култура.

„Решението е потпишано и испратено до Велешкиот театар. Се очекува да стигне во понеделник. Но, практично од денеска Велешкиот театар има нов в.д. директор. А тоа е Александар Ивановски“. – Министерство за култура.

Александар Ивановски кој пред 5 години е вработен во театарот во Велес, е поставен на оваа функција да ги смири страстите меѓу вработените, зовриени од неговиот претходник Младен Крстевски и да создаде услови за отворање конкурс за нов директор на театарот со полн мандат. Конкурсот ќе биде распишан во јануари, дополнуваат од Министеротвото за култура.

Разрешувањето на в.д. директорот Крстевски дојде по искажаното незадоволство кај дел од од актерите од неговото менаџирање со театарот. Незадоволството одекна во јавноста по скандалот со местењето на наградата за животно дело „ Петре Прличко“, што ја доделува Општина Велес. А, како што дознава Телма,  незадоволството кулминирало на средината на овој месец, откако во Министерството за култура дознале дека тој не дозволил проби и не овозможил навремено започнување на поетскиот перформанс на актерката Весна Димитрова- Бобевска, на стихови на словенечкиот амбасадор во Македонија, Милан Јазбец, во Велешкиот театар. По тој инцидент, на Крстевски му била испратена инспекција која констатирала незаконско работење. Младен Крстевски беше поставен за в.д. директор на Велешкиот театар , во август 2017 и на функцијата помина повеќе од два мандати.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ