
Директорот на Велешки театар сам си доделува награда?
Годинешната награда за животно дело “Петре Прличко“ што ја доделува Општина Велес и Велешкиот театар ќе ја добие в.д. директорот на театарот Младен Крстевски. Наградата треба да биде доделена в сабота и е финансирана по половина од Општината и Тетатарот во Велес. Вработени во Театарот, кои сакаа да останат анонимни, алармираа за скандалот, дека директорот Крстевски сам ги предложил членовите на Комисијата за наградата и сам се предложил како кандидат.
“Невидена злоупотреба на службената должност и неетичност“, велат вработените во Тетарот кои додаваат дека целата постапка околу наградата се чувала во тајност. Според пропозициите на конкурсот Комисијата е обврзана да ги објави резултатите од Конкурсот најдоцна 5 дена по поднесување на канидатурите, но тоа уште не е сторено. Уметничкиот директор на Велешкиот театар Васил Зафирчев објаснува дека токму Младен Крстевски ќе ја добие наградата затоа што е единствениот пријавен кандидат и не гледа никаков проблем во тоа.
„Јас колку што добив информација, за жал не стигнале други апликации за други кандидати, или пак од други театарски куќи што е пракса, што се случувало и во минатите години кога се доделувала наградата. Сметам дека тоа се должи на тоа што минатата година наградата не се додели“, кажа Васил Зафирчев, уметнички директор на НТ- Велес.
В.д. директорот на Велешкиот театар и годинешен лауерат Младен Крстевски одби да даде изјава за наградата и се закани со тужба. Наградата за животно дел “Петре Прличко“ е во висина од 60 илјади денари, од кои половина ги обезбедува Општината, а другата половина Театарот, со чиј буџет раководи директорот Крстевски. Овој актер последнава година е в.д. директор во 2 мандата по 6 месеци, кои се веќе истечени. Министерството најави конкурс за нов директор, но тој уште не е објавен.
Сотир Трајков