
Изложба на интерактивна уметност и предавања во МСУ и во МКЦ
Изложба на интерактивна уметност „ PlayUk Arcadia 2018“, од вечерва до 4 ноември, ќе биде отворена во Музејот на современа уметност и во Младинскиот културен центар. На изложбата ќе бидат прикажани иновации од виртуелната реалност, видео игри, содржини поврзани со човековите права, користење различни податоци и музика.
– Со овој настан ја истражуваме темата на уметноста во 21 век и како технологијата и уметноста може да соработуваат за да создадат тридимензионални и интерактивни уметнички искуства. Настанот е бесплатен и интересен за сите возрасти – најавуваат од Британски совет, кој го организира настанот. Фестивалот започнува со предавање на тимот „Forensic architecture“ во МСУ, вечерва, во 19.30 часот. овој тим е еден од четирите кандидати, номинирани за годинешната Тарнерова награда. Таа е најпрестижната награда за уметност, што се доделува во Обединетото Кралство. Посетителите ќе имаат ексклузивна можност да чујат предавања на архитекти и дизајнери, како и на уметници и писатели.
А, од 2 до 4 ноември публиката во МКЦ ќе може да види изложба на видеоигри и музичка програма и да ја посети „Дневната соба на иднината“. Тоа е кратка, интерактивна филмска инсталација, што првпат ќе биде претставена надвор од Обединетото Кралство. Оваа соба на иднината е дело на Би-Би-Си, „ФАКТ“, на неколку британски универзитети и на Илија Тирицковски, продуцент од Скопје. Британскиот совет во 2006 година започна со претставување и промовирање на креативните индустрии во Македонија, со мапирање на пазарот и воспоставување на првите врски меѓу експертите од Обединетото Кралство и Македонија.