
Највредното од југословенска колекција од вечерва во Чифте амам
Во објектот Чифте амам при Националната галерија на Македонија, вечерва ќе биде отворена изложба со 110 ликовни дела од југословенската збирка, од колекцијата на НГМ. Формирањето на југословенската збирка почнало во првите години од основањето на галеријата, а делата што ќе бидат изложени се создавани од почетокот на 19 до средината на 20 век.
– Изложбата дава општ преглед на стилскиот и хронолошки развој на сликарството и вајарството, создавано од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско-херцеговски автори, велат од Националната галерија на Македонија.
На изложбата ќе бидат претставени најзначајните имиња на сликари и вајари од поранешните југословенски републики : Влахо Буковац, Урош Предиќ, Целестин Медовиќ, Паја Јовановиќ, Петар Добровиќ, Петар Лубарда, Зора Петровиќ, Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Крсто Хегедушиќ, Омер Мухаџиќ, Иван Мештровиќ, Антун Аугустинчиќ, и други уметници. Нивното творештво го прикажува развојниот пат од класицизмот до создавањето на современиот ликовен израз.