Повлечена забраната за „Ругање со Христос“, режисерот Бојаџи не верува во тоа

Нема повеќе цензура за филмот „ Ругање со Христос“, на режисерот Јани Бојаџи. На рочиштето што се одржа во Основен суд Скопје 2, судијката Сузана Дончевска го прифати барањето на директорот на фестивалот „ Кине Нова“, каде филмот беше прикажан на отворањето на 5 октомври, за повлекување на времената забрана за прикажување. Рочиштето се одржа на барање на Министерството за култура , кое преку државниот правобранител Фехми Стафа, побара забрана за идните проекции на филмот. Но, на рочиштето освен претставници од Хелсиншкиот комитет за човекови права, немаше никој од ресорното министерство и од канцеларијата на државниот правобранител. Директорот на „ Кине Нова“, видно вознемирен, не ја коментираше позитивната одлука на судот, само најави повеќе детали за утре.

„Техничка беше постапката. Времената мерка за забрана за прикажување е повлечена. Сите дополнителни детали ќе ги објавиме на прес конференција, утре“, кажа Небојша Јовановиќ – директор на фестивалот „ Кине Нова“

Ни режисерот Јани Бојаџи, кој денеска доби подршка од претседателот Ѓорге Иванов, не е оптимист околу прикажувањата на неговиот филм во иднина. Вели од денеска во Македонија владее шеријатското, наместо континенталното европско право.

„Сите кино сали во внатрешноста кои се под Министерството за култура, чии директори ги именува Министерството за култура, сеуште во еден глас кажуваат дека до крајот на годината немаат ниту еден , единствен слободен термин за нашиот филм. А, ме повикуваат некаде таму после Божик да отидам, да разговараме, за евентуално, следните 60 дена во март. Исто се однесува тоа, кажа Јани Бојаџи – режисер на „Ругање со Христос“.

Сепак „ Ругање со Христос“, вечерва ќе биде прикажан во ЦК во Штип, а до крајот на месецот е најавена проекција и во Прилеп. Филмот предизвика бура спротивставени реакции во јавноста по изјавите на министерот за култура Адеми и директорот на Агенцијата за филм, Тозија, кои без да го видат , констатираа дека е скандалозен и дека ги навредува чувствата на албанците кои се прикажани како насилници и силувачи. Во 2007 година, за обид за цензура на претставата „ Тито“, на Битолскиот театар, тогашниот министер за култура , Илиријан Бекири, како кадар од ДПА, си поднесе оставка.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ