Русе Арсов: Со буџет помал за 20 % донесовме помали, но квалитетни претстави

Се трудевме фестивалот „Млад отворен театар“ , да го задржи реномето од минатото. Но, со буџет за 20% помал од претходните изданија, кој изнесува околу 7 милиони денари, што ги даваат Град Скопје и Министерството за култура , донесовме помали по формат, но не и помалку значајни претстави, вели директорот на МКЦ.

„Имајќи предвид во какво време живееме, пред се финансиски, малку повеќе се потрудивме да биде тоа квалитетна програма, а да не бидат тоа некои специјално големи имиња. Иако, не дека ако се тоа по форма можеби помали претстави, ни од далеку не значи дека се помалку значајни од оние големи имиња. А, од друга страна не мислам дека немаме големи имиња, оваа година“, вели директорот на МКЦ Русе Арсов.

Александар Поповски кој доаѓа на МОТ, со наградената за најдобра претстава во Унгарија „Гробница за Борис Давидович“, Јо Стромгрен од Норвешка, со „Болница“ и Чаба Хорват од Унгарија, со претставата „Бележник“, се големите европски режисерски имиња на кои смета годинава фестивалот. Тематски, 43 издание е разновидно, а доминира ангажираниот театар кој зборува за војните, мигрантите, границите, експлоатацијата на богатите над сиромашните, политичките затвореници, заложбите на феминистките и сл.

„Во тој поглед е и најшарена програмата на фестивалот. Но, на крајот сите тие се занимаваат со нас. Сите го користат театарот за да на свој начин ги кажат сите оние проблеми, недоследности, различни размислувања или ставови во однос на тоа што е наша секојдневна реалност“, додава Арсов.

Домашната продукција е застапена со 3 премиери, а во придружната програма се одбележуваат 70 години ИТИ при УНЕСКО, во кој членува Македонија, 35 години сценографска дејност на Крсте Џидров и други содржини со кои МОТ се обидува да биде едукативен и да регрутира млада публика, дополнува директорот  на МКЦ, Русе Арсов.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ