
Со овации дочекана ѕвездата на годинешниот „Браќа Манаки“ во Битола
Невообичаено срдечна и непосредна, големата филмска ѕвезда Клаудија Кардинале, последна се појави на црвениот килим синоќа во Битола, откако продефилираа сите гости, филмски работници и политичари. Насмеана, одговори на пршањата на новинарите и расположена позираше пред фоторепортерите. На церемонијата за свечено отворање на фестивaлот „Браќа Манаки“ и беше доделена наградата златна „Камера 300“ за особен придонес во филмската уметност, а публиката ја дочека со овации.
„За мене е вистинско изненадување, прекрасно е што ја добивам оваа награда. Имам 80 години и се уште работам. Тоа е многу важно за мене, со мојата работа живеам многу животи“, изјави Кардинале.
Британскиот кинематографер, оскаровецот Роџер Дикинс, рече дека 39 години работи зад камерата, колку што е стар и фестивалот и скормно се заблагодари за наградата златна „Камера 300“ за животно дело.
„Можеби ќе звучи како клише, но морам да кажам дека кога стојам овде пред вас се чувствувам дека сум на погрешната страна од камерата, повеќе би сакал да бидам зад неа. Познавам мои колеги што предтходно биле тука, но јас досега немав можност да дојдам, затоа многу ми е драго што сум дел од оваа историја“, рече Дикинс.
Со многу емоции и аплаузи публиката ја поздрави македонската актерка Милица Стојанова, која ја доби наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници.
„Оваа награда мене многу ми значи, затоа што се разликува играта пред камера од онаа во театарот, но, еднаква е по уметничкиот предизвик“, изјави Стојанова.
Перформансот на церемонија за отворање беше посветен на годинешното мото на фестивалот „Симнуваме капа“. По доделување на наградите беше прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов Изи, а веднаш потоа и филмот „Истребувач 2049“, во чест на лауереатот, Роџер Дикинс.
Емилија Мисирлиевска