
За 30 проценти помал буџетот на Струшките вечери на поезијата
Годинашното фестивалско издание на „Струшките вечери на поезијата “ поради намалениот буџет за 30 отсто во споредба со ланското издание нема битно да се одрази на квалитетот на целокупната годишна програма и планираните активности, но затоа нема можност да се реализираат најавуваните нови дополнителни содржини, вели претседателката на Управниот одбор на фестивалот Елизабета Шелева.
„Со оглед на фактот дека оваа година има нов управен одбор морам да констатирам дека не постоеа предуслови за такво нешто пред се од еден објективен материјален карактер. Фокусот беше ставен на тоа да се задржат постојните, да не се изгуби ништо од тие суштински, конститутивни содржини“, вели Шалева.
„Од друга страна сите ние бараме промени во фестивалот, а се е поврзано со средства кои треба да ги обезбедите, да ги имате врвните поети вие не можете да го направите тоа само со средствата кои ќе ви ги даде Министерството за култура“, додава директорот Мите Стефоски.
Сепак ќе бидат задржани сите клучни аспекти на фестивалот, додава Стефоски.
„Веруваме дека оваа издание ќе биде навистина интересно и провокативно и ќе го предизвика интересот и на јавноста. Оваа година концептот е да претставиме многу поразновидни поетики и еден нордиски фокус кој се поклопува и со добитникот на „Мостови на Струга“, но и поети се разбира од сите континенти, тоа е клучно во годинашното издание“, додава Стефоски.
Престижната награда „Златен венец“ на Адам Загајевски ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот, на традиционалното поетско читање „Мостови“, кога ќе бидат доделени и наградите „Мостови на Струга“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска книга, годинашен добитник е финскиот поет Паули Тапио, како и наградата „Браќа Миладиновци“ чиј добитник треба да биде објавен во текот на фестивалското издание. Во рамките на фестивалот се предвидени повеќе поетски читања, симпозиуми и работилници.
Нина Стефанова