
Законски и стручни неправилности утврдени во работата на Музејот на ВМРО
Низа законски и стручни неправилности, како и упад во идентитетскиот корпус на македонскиот народ, утврдила работната група при Министерството за култура, во формирањето и конципирањето на Музејот на ВМРО.
„Констатирани се неправилности и прекршувања на повеќе закони и тоа: Закон за буџет и Закон за спроведување на буџет, Закон за музејска дејност, Закон за заштита на културното наследство, генералните принципи и стандарди на современата музеологија, како и упад во идентитетскиот корпус на македонскиот народ и идеолошка обоеност на музејот како целина и фаворизирање на партиски митови. Дополнително, музејот инсистира на восочни фигури во поставката, што го вулгаризира и навредува професионализмот во музеологијата“, оценува работната група за ревизија на музејска дејност.
Тоа што се прикажани насилни сцени и мачни епизоди, без да се води сметка за разновидноста на публиката, а особено на учениците, значи игнорирање на повеќе важни аспекти од современата музеологија, се вели во елаборатот на 6 члената работна група, со која претседаваше историчарот Александар Литовски. Работната група во елаборатот дава и препораки.
Меѓу препораките се вели дека музејот треба да се избрише од листата на заштитено културно наследство, но и да се преименува заради искривената историска вистина која ја пласира низ поставката внатре и заради градењето асоцијации со активна политичка партија кај нас.
Промена на постојаната поставка во делови кои се спротивни на историските вистини, што не ги претставуваат најзначајните моменти од македонската борба за државност и самостојност, исто така предлага работната група. А, поради индиции за можни финансиски неправилности при изградбата на музејот, се препорачува натамошно испитување на евентуалните криминални постапки.
Музејот на ВМРО беше формиран со одлука на Владата на Никола Груевски во 2008. Објектот беше изграден за три години и отворен на одбележувањето на 20 годишнината од независност на Македонија. Во него Министерството за култура инвестираше околу 17 милиони евра, а го изгради Бетон од Штип. За овој проект од „ Ск 2014“, се води судска постапка, по предметот „ Тендери “ на СЈО. Во него, за местење тендер за изградба на музејот во корист на Бетон од Штип, се товарат поранешната министерка за култура Канческа- Милевска и тројца членови од комисијата за јавни набавки при ресорното министерство.
Сотир Трајков