Промовирани и наградени идејни решенија за салата во Железничка зграда

Иван Џијановски е станар во Железничка зграда од нејзината изградба пред 70 години. Тој памети дека до земјотресот во 1963 година, сите станари живееле како едно семејство, но и дека поради претрпените оштетувања, објектот потоа го реновирала фирма од Словенија, а не Државната дирекција на железници – Скопје, зашто како што вели Џијановски, немале сретства. Затоа салата во која до земјотресот се прикажувале филмови изгубила дел од своите простории и до денес не е обновена, потенцира Џијановски.

– „Железница нејќе да чуе, нема пари. Заради тоа 2 стана што беа составен дел на салава, за канцеларии, за конференции што се одржуваа, ги даде на свои вработени како станови, во недостиг на станови. Така што останавме само на овој простор овде. Гледате и самите во каква состојба е“ кажа Иван Џијановски, станар во Железничка зграда.

Против забот на времето кој направил бројни оштетувања на салата во Железничка зграда, се борат од независната културна сцена. Велат, ова е втор простор во Скопје, по Кино Култура, што се обидуваат да го заживеат повторно , не само за уметниците, туку и за граѓаните кои живеат во непосредна близина.  За таа цел соработуваат и со локалната власт.

– Постои дијалог, постои интерес за соработка. Прашање е , кои се можностите, кои се правните препреки, кои се финансиските. Меѓутоа ние сме тука, заедно да застапуваме. И тој процес, колку и да трае, некаде поспоро, некаде побрзо, да го тераме до крај, колку што може да вроди со некаков резултат“ кажа Виолета Качакова од НГО „Локомотива“.

А, резултатите од конкурсот за идејни решенија на кино салата во Железничка зграда, од денеска се на увид на јавноста низ изложба во тој простор. Трудовите од 13 помлади архитекти ги оценуваше стручно жири кое додели 2 пофалници, едно посебно признание, две втори и една прва награда. Неа ја освоија Христина Секуловска и Ирена Милоевска.

„Главниот критериум беше, да добие прва награда она решение кое практично ќе го препознае просторот во целост. Особено оваа висина од 6, 5 метри. И она што ќе го предложи, да биде, некако да има обид да го освои целиот простор“ кажа Дејан Ивановски, член на жири комисијата.

И додека од независната културна сцена се борат да освојат уште еден маргинализиран простор, станарите во Железничка зграда очекуваат од локалната власт да им помогне во санирањето на кровот и фасадата на објектот.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ