
„ДЕБАТА ЗА ЕВРОПА“
Во отворена размена на идеи во рамките на тридневниот настан„Дебата за Европа“ кој годинава се одржа во Скопје беа загатнати прашања поврзани со можните влијанија на „Уметноста и културата во времиња на промени“. За Анте Контиус културата на некој начин ја оплеменува политиката и важно е во континуитет се потсетува на тоа.
„Култура без политика е речиси невозможно, потребна ви е рамка и политика без култура е катастрофа. Бидејќи без вклучување на културата, без сензитивноста на уметникот и без околностите во кои се преведуваат литературните дела не би можеле да говориме за културна размена“., кажа Анте Контиус, Фондација С. Фишер за иницијаторите и мрежата ТРАДУКИ.
За жал сведоци сме на бројни примери кои говорат за истиснување на уметноста и културата на маргините на општеството и примери на нивна политизација, во недостиг на конкретна културна политика и стратегија, ќе забележат дел од учесниците во дебатата.
„Тоа не е проблем само во Македонија, туку проблем во целиот свет. Политиката го загуби своето разбирање за уметноста и културата. Ова е мој личен став, но сметам дека би им помогнало на политичарите да имаат контакт со уметничката и културна сцена на својата земја, и со меѓународната се разбира. И мислам дека од тоа можат многу да научат“, кажа Анемари Турк, програмски менаџер на „ДЕБАТА ЗА ЕВРОПА“.
Солидарноста и културниот дијалог е она што му треба на целиот свет, во дадениов момент тоа е особено важно и за Македонија, сметаат учесниците и организаторите на „ДЕБАТА ЗА ЕВРОПА“ во организација на фондацијата Фишер, фондацијата за култура „Алијанц“ и Германската академија за јазик и литература.
Нина Стефанова