Заробениот јавен простор може да се ослободи со проекти од Венециското биенале

Да се препознае и ослободи заробениот јавен простор во централното градско подрачје кое со проектот „Скопје 2014“ беше уништено и да се врати на граѓаните е фокусот  на проектот со кој архитектите Филип Јовановски и Дејан Ивановски се претставија на годинашното Венециско биенале на архитектура . Во своите идејни решенија  се осврнуваат на зградите на Археолошкиот музеј, на Агенцијата за електронски медиуми,  Министерството за надворешни работи, Колонадата  „Македонија“ и зградата на Основното јавно обвинителство.

„Во дел од нив успеавме и да влеземе и заклучивме дека одредени простори од овие 4 згради се нефункционални, иако се предвидени во самите проекти тие се нефункционални. Одлучивме овие простори да ги ослободиме и да ги отвориме за јавноста. Дел од нив се на приземје, дел на катовите и истите да ги поврземе во самиот контекст во кој функционираат.  И самите згради да ги прочистиме од целата декорација. Овие згради имаат премногу декорација и треба се прочистат“, кажа Дејан Ивановски, архитект.

Станува збор за практични параметри и се надеваме дека нашата замисла ќе допре до надлежните институции, вели Филип Јовановски.

„Мислам дека она што ние го предлагаме повторно ја враќа онаа линија на вклучување на граѓаните, враќање на демократијата, она што би требало да се објасни во една реченица за проектот „Скопје 2014“ беше и е одземање на јавниот простор од граѓаните. Нашиот проект се занимава со тоа враќање на просторот на граѓаните“, кажа Филип Јовановски, архитект.

Во останатите три проекти со кои се претстави Македонија на најпрестижната светска изложба за архитектура се вклучени и уште десет македонски и италијански архитекти и куратори. Нивните проекти се однесуваат на новиот можен изглед на Владата, на Телекомуникацискиот центар со Поштата и зградата на Мепсо и на поранешната стоковна куќа „НаМа“. Музејот на современа уметност е организатор на годинашното учество на Македонија на Венециското биенале на архитектура.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ