
Унковски : Не гледам драматичен исчекор напред во културата
Сеуште не гледам драматичен исчекор во културата и во другите области, што е потребен, за кој ние, учесниците во Шарената револуција бевме спремни, вели Слободан Унковски во интервју за Телма, по повод гостувањето во МНТ на Југословенско драмско позориште од Белград , со претставата во негова режија „ Ајнштајновите соништа“. На прашањето за давањето на ресорот Култура од премиерот Заев на партија Беса, со реконструкцијата на владата, Унковски одговара дека очекувал ресорот да има подолгорочна стабилност , а зборува и за претставата „ Ајнштајновите соништа“ , која последниве години ја постави на две сцени.
По премиерата во НТ-Прилеп, 2015 година, новелата „ Ајнштајновите соништа“, од Ален Лајтман ја поставивте и во ЈДП по 2 години, значи минатата година. Со оваа претстава тој театар гостуваше деновиве во МНТ. Па, со што Ве инспирира овој материјал и зошто решивте да му се навратите уште еднаш, за релативно кратко време ?
„Па, она што го работев во Прилеп, во копродукција со Театарот „ Навигатор“, беше една верзија на текстот. Потоа, Русомир Богдановски го преработи текстот повторно. Практично напиша еден вид драма, нова, базирана на истиот материјал. Тоа е нешто што сакам да го работам од 1993 година. Некако мислев дека треба да го доправам во форма , во која мене ми се допаѓа и ми се чини интересна. Така што , една ваква тема, која што е безвременска, за времето, за смислата на животот, мислев дека може да биде интересна. И тоа се покажа во изведбите во Белград, а еве сега и во Скопје.“
„Ајнштајновите соништа “ не е класична претстава. Нема класична приказна. Го следиме течењето, постоењето и перцепцијата на времето, од страна на човекот. Па, зошто е важно, на репертоарите на театрите да има вакви претстави, со поинаква форма и естетика, колку и да е тоа ризично ?
„Па, тие се наопходни, јас мислам. Затоа што, кога почнав да пробувам во Белград, ги прашав во театарот, дали воопшто е преживеана таа публика која што не се занимава со реални шоуа, со од тој тип новокомпонирана култура. И се покажа дека има таква публика. Мислам дека и во Скопје е преживеана, можеби е на крај на силите, меѓутоа има таква публика. И мислам дека театарот ја има таа предност , да може да ги отвори тие теми, да може да се занимава со поинакви прашања, на еден поинаков начин и да ја има комоцијата да ги испита сите тие работи.“
Како го оценувате актуелниот пост режимски миг во македонскиот театар. Дали чувствувате промени ?
„Не гледам уште драматичен исчекор во културата, што некако е потребен. Меѓутоа него го нема ни во другите области, во драматична форма, на која ние што учествувавме во таа револуција, некако бевме спремни. Меѓутоа изгледа дека е време прво да се решат некои други прашања што се посуштински, па понатаму веројатно ќе дојдат и овие на ред. Некако мислев дека е потребно културата да се пресврти, да се направи голем пресврт во културата. Да се отворат нови теми, нови кадри, нови луѓе да добијат шанса да работат. Гледам со интерес и со внимание, што ќе се случи понатаму и се надевам дека оваа власт ќе има предвид, ќе се потсети на тоа колку културата е важна за идентитетот, за смислата на овој народ, на оваа цивилизација тука. Колку е важно тоа културно издигање на граѓанинот за сите негови постапки, од политика до шетање по улица.“
А, каков е Вашиот став за одлуката на премиерот Заев, со владините проветрувања ресорот Култура да го даде на партијата Беса? Дали очекувате дека започнатите реформи во оваа област, ќе продолжат ?
„Културата била постојано „ згодна“ за такви брзи размени. Некако мислев дека на културата и е потребна една стабилност, подолгорочна. Немам ништо против да дојде и менаџер во културата, како што доаѓа сега, да речеме некој што водел компанија или што е инженер по професија. Но, тоа бара да има… Тоа е политичко место, така? Меѓутоа тоа бара да има еден силен стручен апарат во позадина што ќе го подржи. Мислам дека, во таа смисла, Министерството за култура не е проветрено воопшто и дека е загушено, како и другите министерства со многу кадри кои што имаат долгови кон претходната власт и претпоставувам дека е многу комплицирано и тешко да се работи без некакво драматично протресување на состојбите.“
Сотир Трајков