Решенија за „Скопје 2014“ во проектите за Венециското биенале на архитектура

Филип Јовановски и Дејан Ивановски се меѓу 12 македонски и  италијански архитекти и куратори кои ја претставуваат нашата земја на Меѓународната изложба за архитектура, што биенално се одржува во Венеција, а утре се отвора по 16 пат. Нивниот проект „ Отворање, поврзување, разоткривање и репрограмирање“,  насловен, како што велат,  според методолошките фази по кои бил развиен, нуди идејни решенија за зградите на Археолошкиот музеј, Агенцијата за електронски комуникации, ОЈО, МНР и за Колонадата „ Македонија“, на платото пред МОБ.

„Фокусот наш е да ослободиме делови од тие згради, да ги поврземе со контекстот. Самите згради да ги прочистиме од секаква декорација и тие ослободени простори да ги репрограмираме“, вели архитектот Дејан Ивановски.

„Дел од тие ослободени простори да добијат содржини кои што ќе бидат важни за граѓаните. Ќе можат да ги користат. Главно се фокусиравме околу некои социјални содржини . Но сепак тоа е фаза што ќе ја развиваме понатаму“, вели архитектот Филип Јовановски.

Останатите три проекти се однесуваат на новиот можен изглед на Владата, на Телекомуникацискиот центар со Поштата и зградата на Мепсо и на поранешната стоковна куќа „ НаМа“. Според комесарот на нашата изложба, Зоран Петровски, архитектите на одбраните точки им приоѓаат низ деконструкција, а „ Ск 2014“ не го третираат како проект , туку како зададеност со која треба да се справи општеството.

„Не смееме да поминеме туку-така, да заборавиме што ни се случи со „ Скопје2014“. Тој треба и понатаму да биде предмет на нашиот интерес за надминување на сите тие импровизации и случајности кои се случија со овој проект“, вели комесарот на македонската изложба во Венеција.

За таа цел, покрај презентацијата на Биеналето за архитектура , на почетокот на 2019 година, идејните проекти за „ Ск2014“, ќе бидат на увид на  јавноста, низ изложба во МСУ, дополнува Петровски. МСУ се јавува како организатор на годинашното, 8 по ред учество на Македонија на најпрестижната светска изложба за архитектура.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ