
Граѓаните немаат интерес за домашните дизајнерски производи
Марија Милошевска, 13 години се занимава со дизајн на накит, со филигрантска техника. Нејзиниот нов бренд „ Македонска мушичка“, го претстави на отворениот 7-ми по ред фестивал на креативни индустрии „ Скопје креатива“. Но, таа се жали дека нема интерес за дизајнирани уникати кај нашите граѓани зашто тие повеќе купуваат комерцијални производи од Кина, кои се и поскапи.
„Треба да се промени вкусот, односно да се тргне, да излеземе од конзервата и малку да ги прифатиме сите нови и млади дизајнери кои што креираат и творат. Затоа што ние сме тука и сакаме тука да креираме и да работиме“, кажа Марија Милошевска – дизајнерка на накит.
И пласманот на производите во странство оди тешко. Интернетот е единствена шанса, но и тука има многу ограничувања, дополнува Милошевска. И за Нела Тодоровска, која 12 години работи моден дизајн, а сега е актуелна со брендот „Маригуча“, кој се продава и во Србија и во Романија, да се биде дизајнер во Македонија е тешко зашто нема капацитет и кадар за развој и промоција на производите во странство.
„Менаџери за мода и баери кои ќе дојдат, кои ќе видат што се произведува во Македонија, кои се дизајнерите, за да можат да ги однесат надвор“, кажа Нела Тодородска – моден дизајнер.
За добар пласман на дизајнерски производи треба оригинали и уникатен начин на промоција , вели белгискиот фотограф со искуство во дизајнот, Герт Де Таје.
„Не треба да копирате. Треба да го пронајдете сопствениот стил, јас мислам. Но и да бидете меѓу луѓето, да разговарате за вашата работа со нив, да ги запознаете со тоа што го работите. Не е многу лесно, но мислам дека постои начин да ги освестите луѓето за тоа што го работите“, кажа Герт Де Таје – фотограф и дизајнер.
Се што до сега постигнале македонските дизајнери, е резултат на нивната едукација и остварени контакти со луѓе, дома и во странство. А, така и ќе остане додека не се создаде системска подршка, децидни се тие.
Сотир Трајков