Промовиран прв том на „Македонска рок енциклопедија“

Платото пред Младинскиот културен центар беше мало  за да ги прими сите што дојдоа на промоцијата на првата „ Македонската рок енциклопедија“. Нејзин автор е докажаниот музички новинар Тошо Филиповски. Авторот вели дека љубовта и  почитта кон музичарите и композиторите кои се вградиле во развојот на домашната рок сцена, бил мотив за да истражува 6 години и да ја напише енциклопедијата.

„Мојата огромна љубов  кон македонската музика и почитта кон  тие луѓе  кои што во овие 5 и пол децении создавале навистина богат кампус изданија и како квантитет и како квалитет, мојата желба да им оддадам почит резултира со ова дело“, кажа Тошо Филиповски – автор на „Македонската рок енциклопедија“

На околу 500 страници текст, збогатен со 400 црно- бели фотографии, овој прв том од енциклопедијата, се осврнува на биографиите на 333 домашни бендови, 2500 музичари и бележи повеќе од 1000 изданија, создадени на нашата рок сцена, во изминатите 55 години. Енциклопедијата  ги третира сите музички жанрови.Јa објави „Корпус Деликти Рекордс“,  во тираж од 500 примероци. Тие се своерачно нумерирани и потпишани од авторот. Со нив оди и бонус Це Де компилација , посветена на историјата на домашната панк музика, која е омилен жанр на авторот, како и една налепница.

Првиот том од „ Македонската рок енциклопедија“ нема да биде единствено издание за љубителите на овој вид музика. Авторот Филиповски најавува и втор том, на кој работи во моментот.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ