Соња Стојменска – Елзесер нов претседател на ДПМ

Соња Стојменска –  Елзесер, книжевен научник и есеист  е новата  претседателка на Друштвото на писатели на Македонија. Во седум децениското постоење на најстарата писателска асоцијација кај нас, која речиси во континуитет ја предводеа мажи, само во периодот меѓу 1996 и 1997 со неа раководеше жена, поетесата Светлана Христова – Јоциќ.  Фактот дека за избор на нов претседател на ДПМ имаше само две кандидатки Соња Стојменска Елзесер и Оливера Доцевска беше интересен за многумина и доказ дека полека, но сигурно се рушат родовите стереотипи за раководни функции во ДПМ .

„Долго време Друштвото на писателите беше предводено само од мажи и таа стереотипна слика се надевам ќе се сруши, бидејќи тоа е и реалната ситуација во творештвото, покажува дека жените се апсолутно рамноправни во творечкиот живот на Македонија“, вели Стојменска Елзесер.

Креативна слобода, напуштање на било какви политички и идеолошки притисоци, заштита на достоинството и угледот на писателите и гласност на писателската фела во општеството се нештата за кои се залага Стојменска- Елзесер во својата програма.

„Тоа може да се оствари единствено доколку кон творештвото се пристапи без загради на она што значи дневно политичка атмосфера, на она што значи размислувања, провиниенции религиски и други, етнички корени на оној што твори. Значи творештвото со својата естетска вредност да избие во прв план и да има достоен третман, достојно вреднување, афирмација дома и во странство“, додава таа.

Соња Стојменска Елзесер, е есеист, критичар и книжевен научник. Доктор по филолошки науки, професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Член на ДПМ е од 2009 година.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ