Град Скопје го поддржа, па го откажа финансирањето на наградата Роман на годината

Изненадување и удар врз работата на Фондацијата „ Славко Јаневски“, на средина од процесот за доделување на наградата Роман на годината! Со овие зборови, Ѕвездан Георгиевски од фондaцијата,  го коментира потегот на Град Скопје , нивната апликација испратена преку Културно- информативниот центар, на конкурсот  за подршка на јавни установи, лани во јуни, да ја одобри во декември, а пред една седмица, според Георгиевски, Градот нетранспарентно ја повлекол одлуката за подршка на наградата Роман на годината.

  • Таа одлука уште стои на веб страницата на Град Скопје до овој момент.Меѓутоа и од КИЦ не убедија дека добиле меил , со кој се повлекува подршката за „ Романот на годината“. Се обидовме да најдеме начин , официјално да добиеме соопштение. Но , не добивме, вели Ѕвездан Георгиевски, член на фондацијата „ Славко Јаневски“.

Од кабинетот на градоначалникот Шилегов без прецизен одговор, зошто е повлечена одлуката за субвенција на наградата Роман на годината , која во минатото беше подржана, како дел од договорот за трајна соработка. Но велат,  финансираат три други проекти на фондацијата со 170 000 денари годинава и дека неискористените до крај доделени пари од лани, се причини за наградата од национално значење да се побараат сретства од Министерството за култура, зашто приоритет на Градот се проекти од локален интерес.

  • Минатата година , Фондацијата „ Славко Јаневски“, не ги искористи сите доделени пари. И тоа секако е една од причините, зошто треба да се рационализираат сретствата кои што ги доделува Градот, кои не се големи и не се толку големи како од Министерството за култура, вели Никола Наумоски, шеф на кабинет на градоначалникот Шилегов.

Георгиевски се сомнева дека откажувањето од подршката, е поради негова  јавно упатена забелешка дека Град Скопје ја прогласува 2020 за година на Славко Јаневски, а освен семејството и фондацијата, на роденденот на писателот, на 11 јануари никој друг не однел цвеќе на гробот и на споменикот. Од кабинетот на градоначалникот одговараат дека од поведението на членови на фондацијата не зависи подршката за „ Јаневски“. Од фондацијата ќе се обидат вонинституционално да обезбедат пари, но велат, останува неизвесно како ќе се реализира доделувањето на наградата Роман на годината напролет, за чие 21 издание, на конкурсот пристигнале рекордни 38 дела , од кои половината од живите класици на домашната литература.

Со објавување книги, именување улица, библиотека, сликање мурал и други содржини, Град Скопје годинава ќе ја чествува 100 годишнината од раѓањето на еден од основоположниците на современата македонска литература, Славко Јаневски.

Сотир Трајков

 

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ