
43-иот „МОТ“ завршува вечерва со „Црнила Ремикс“
Потребата да работи нешто поразлично од порано, да си ја врати радоста при творењето и да го доближи драмскиот текст на Коле Чашуле до помладите генерации, го натерала актерот и режисер Јордан Симонов да ја постави „Црнила Ремикс“.
„Клучната порака која сакаме да ја пратиме е тоа дека „ Црнила“, македонската класика може да се пласира на младите генерации, само треба да се најде формата“, тврди Симонов.
„Црнила Ремикс“, не е класична претстава. Работена е како перформанс, мјузикал или концерт со хип- хоп музика. За таа цел, покрај пет помлади актери, во проектот се вклучени и Павле Димковски и Дарко Димитриески од хип – хоп составот „Зад аголот“. Тие беа задолжени за препевот на дијалозите и за музиката.
„А потоа ние работевме околу пренесувањето на драмските ситуации, поттекстот…“, вели актерот Стефан Вујисиќ.
За успехот на претставата , која во следниот период ќе се игра низ регионот и ќе биде објавен носач на звук со нејзините сонгови, важен е и интересот за хип-хоп музиката меѓу учесниците.
„Многу е забавно. Ние го правиме тоа. Мене ми е како хоби рапот. Пишувам и текстови дома. Имам веќе и снимено нешто“, рече актерот Александар Михајловски.
„Црнила Ремикс“ е последна претставата на програмата на годинешниот „МОТ“. Во 9 фестивалски дена беа прикажани вкупно 18 претстави на театри и соло изведувачи од Велика Британија, преку Европа и регионот до Јужна Кореја. Претставите покажаа ангажиран општествен пристап, осврнувајќи се кон деликатни прашања, како што се: Нерамноправната распределба на капиталот, војните, мигрантите, одроденоста меѓу современите луѓе и сл.
Сотир Трајков