
Зошто е укината пресудата за Мијалков, Тачи и другите обвинети во Титаник 2?
На 19 страници Апелација ја образложува одлуката со која ја укина првостепената пресуда за Титаник 2 и го враќа судењето на почеток.
Апелационите судии ги прифатиле жалбите на лидерот на ДПА Мендух Тачи, екс директорот на УБК Сашо Мијалков и и 4 цата поранешни членови на ДИК, Бердердин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска со образложение дека пресудата на Кривичниот суд содржи повеке недостатоци
-Изреката на пресудата е нејасна и неразбирлива, а во образложението не се содржани доволно причини за решителните факти во однос на постоење на предметните кривични дела и кривичната одговорност на страна на обвинетите, а тие што се изложени како причини од кои се раководел судот во примена на материјалното право, се во целост противречни на содржината на изведените и позитивно ценети докази, пишува во решението на скопска апелација.
Апелационите судии анализирајки ја првостепената пресуда доказите и жалбите, велат доказите не биле правилно ценети и првостепениот суд извеле погрешен заклучок.
– Според оцената на овој суд, а имајќи ги предвид списите во предметот, исказите на сведоците и изведените материјални докази, заклучокот на првостепениот суд дека обвинетите ги сториле кривичните дела, на начин како што е опишано во изреката на обжалената пресуда, се доведува под сомневање, бидејќи утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите противречат на содржината на изведените докази, кои докази се неправилно ценети, а воедно и во образложението на пресудата не е дадена сеопфатна анализа и оцена на нивната веродостојност, поради што и фактичката состојба се доведува под сомневање, на што основано се укажува и во изјавените жалби на обвинетите, пишуваат апелационите судиии.
Второстепениот суд констатира и дека основниот суд анализирал погрешна законска одредба. Образложението е дека ДИК врз основа на приговорот на ВМРО ДПМНЕ за прегласување во Струмица на локалните избори во 2013 одлучувал по една законска одредба (алинеја) која се однесува на тоа дека избирачкиот одбор не го спровел гласањето на начин утврден во Изборниот законик , додека Кривичен пресудата ја базира на друга одредба според која основ за прегласување е да има повеќе ливчиња во кутијата од потпишаните на избирачкиот список а не помалку.
Според апелација, ДИК го поништил гласањето не поради неизедначен број на гласачки ливчиња со број на гласачи туку поради сторени неправилности во текот на спроведување на гласањето.
Основниот суд не извел докази дека постои соизвршителство меѓу обвинетите. Освен за Бедредин Ибраими за кого што има две бомби, за другите тројц членови на ДИК кои гласале исто како него и кои се обвинети, немало докази за заедничка волја за извршување на кривично дело, оцениле судиите од Скопска апелација.
Прифатени се и жалбите на Мијалков и Ибраими дека на одбраната не и биле доставени сите материјали од незаконското снимање кои се однесуваат на нив во врска со овој случај.
– Во таа насока, овој суд укажува дека согласно праксата на ЕСЧП (Јесперс против Белгија, Матановиќ против Хрватска) обвинителството е должно да ги обелодени сите материјали што ги поседува, а кои би можеле да им помогнат на обвинетите бидејќи одбраната има еднакво право на информација за сите докази во постапката кои ги поседува обвинителството, се со цел да се добие целовитост и правилен контекст во која насока се водени телефонските разговори, пишуваат апелационите судии.
Апелација оценува дека одбраната основано се жалела и за тоа што во пресудата се споменуваат управните судии кои не биле дел од обвинетите во судскиот предмет. Нив првично СЈО ги обвини но судовите ги тргнаа од обвинение по што не беа дел од судската постапка за Титаник 2.
На последната страна Апелација му дава насоки на Кривичен што да направи кога повторно ќе го суди Титаник два.
На 8 март 2019 Кривичен ја донесе првостепената пресуда за Титаник 2 со која Мијалков доби 3 години затвор за примање награда за противзаконско влијание, Тачи е на 3 години и 2 месеци, Ибраими на 4 години и 6 месеци затвор, Сајковски, Срцев и Стефановска по 3 години затвор.
Елена Ивановска Мукоска