ЗНМ тврди дека Иванов издавал безбедносни сертификати на новинари    

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани тврди дека Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов им понудил на дваесетина новинари да потпишат барање за издавање безбедносни сертификати, кое според него се коси со етичкиот кодекс. Ова според неговите информации се случило на брифинг на почетокот на јануари, а на новинарите им било кажано дека сето тоа е во функција на поголема транспарентност. Селмани го повика Иванов да им нареди на своите советници да го запрат издавањето на безбедносни сертификати, а новинарите да побараат прекин на постапката.

Од Кабинетот на Иванов велат дека Селмани е погрешно информиран. Брифингот се однесувал на работата на Советот за безбедност и можноста некои седници да бидат јавни, односно да присуствуваат новинари за што законски им е неопходно да поседуваат безбедносен сертификат.

„Стручни лица може да учествуваат во работата на Советот, односно Советот за безбедност може да формира работни тела за разгледување на прашања сврзании со безбедноста и одбраната. Во процесот на спроведување на итните реформски приоритети врзани за прашања за безбедноста, но и законската обврска на Претседателот на Република Македонија да ја донесе стратегијата за одбрана, Советот планира активности во кои сметаме дека треба да бидат вклучени и стручни лица – новинари. Согласно законските одредби за работа за класифицирани податоци,новинарите треба да имаат издаден безбедносен сертификат од надлежен државен орган, ДБКИ“, реагираат од Кабинетот на Претседателот Ѓорѓе Иванов.

Од кабинетот на Иванов посочуваат дека очекуваат од новинарите да дадат сугестии за начинот на информирање на јавноста за подигнување на свеста и безбедносната култура за работа со класифицирани информации, заради постоење висок ризик од генерирање лажни вести и планиран проток на информации, што врши ерозија на институциите.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ