Зимската сезона 2017 – 2018-та ќе биде рекордно најскапа за чистење на снег

Снегот ги потрупа патиштата ама ги откри новите суми кои ќе се потрошат за да биде исчистен. Зимската сезона 2017 – 2018 та ќе биде рекордно најскапа ако се суди по досегашните тендери. Македонија пат се опремила со сол, ризла и приватни фирми за чистење на снегот. Ако се споредат со претходните две години, тенедерите оваа зима тежат најмногу и за приватните компании кои со својата механизација го чистат снегот наместо јавното претпријатие чија основна функција токму за одржување на патиштата. Според податоците од бирото за јавни набавки годинава се предвидени милион и 700 илјади евра за три фирми, од кои две се повторуваат од лани.

Три договори во вкупна вредност од 1,2 милиони евра се склучени со фирмата „НБ-Транс Компани“ од Тетово, а има задача да ги чисти автопатите и патиштата во регионот на Скопје и Штип. Исто толку пари за истата оваа фирма  беа предвидени и минатата зима.

За извршување на работите на во Битолскиот регион договорот е склучен со „ЈОСКАТРАНС-ТРЕЈД“, Демир Хисар и за 326 илјади евра, оваа фирма за истата подружница на Македонија пат работеше и лани, тогаш договорот тежеше 330 илјади евра. Долгогодишниот партнер на Македонија пат во чистењето на снегот фирмата Перпарими од Зајас годинава извиси и покрај тоа што скоро секоја година ги земаше најтешките договори. Овој пат на нејзино место за подружницата  во Велес договорот го доби ЈА МИ од Кавадарци, за 163 илјади евра.

Лани склучените договори со трите фирми беа вкупно на милион и 600 илјади евра, но во зависност од работата која ќе ја имаат варира и сумата која им се исплаќа. Според директорот Гајур Кадриу и покрај тоа што договорот со фирмите беше склучен на милион и 600 илјади евра сепак потрошени лани биле околу 700 илајди евра. Исто толку чини и набавката на 5 камиони за чистење на снег и 3 транспортни која веќе е реализирана и се чека машините да пристигнат. Според Кадриу парите за машините се одобрени од претходната Владата, но три обиди за нивно купување пропаднале бидејќи ветувањето не било реализирано. Вели дека и покрај ова кусокот на возила е огромен па и догодина ќе се ангажираат приватни фирми.

Според податоците на центарот за граѓански комуникации, договорот за сол „Македонија пат“ годинава го склучи со „ДИМАКС РУДНИЦИ“ Демир Хисар и тоа во вредност од 1,4 милиони евра. Со ова е прекината уште една долгогодишна соработка државното претпријатие со фирмата „КИ-ЕМ“ Скопје во набавката на индустриска сол. „Македонија пат“ купила и 12.000 тони индустриска сол наспроти 9.000 тони за минатота зима и 7.000 тони сол за предминатата. Интересно е  што јавното претпријатие склучило и договор за ангажирање на возила за превоз на ризла за зимско одржување во вредност од околу 58 илјади евра, но не и договор за набавка на ризла. За набавка на ситен песок имало три неуспешни тендери. За разлика од реакциите на јавноста дека и покрај се коловозите се снежни, Кадриу е задоволен.

Освен државното и локалното чистење на улици не е евтино па, на пример Град Скопје за 15 специјални возила со соларка и плуг ќе исплати 813 илјади евра само за годинава и исто толку за следната. Договорот со „АПОЛО ИНЖЕНЕРИНГ“ од Шишево е склучен на 18 јули 2017 година но е за две години. Според податоците на центарот за граѓански комуникации со години оваа фирма е надлежна за скопските улици во зима. Нешто помалку за чистење на снег од приватни фирми ќе потрошат и Прилеп и Тетово.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ