
Жозеф Дол ги поканил и разрешените членови на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот на европските народни партии
Претседателот на Европските народни партии, Жозеф Дол, испратил лични покани до исклучени и разрешени членови на Вмро-Дпмне, да учествуваат на Конгресот на европските народни партии, што почна денеска во Хелсинки. Исклучениот Никола Тодоров, за Телма потврди дека веќе е во Хелсинки.
Таму е и исклучениот Петар Богојески, од така нареченото реформаторско крило. Покана од Дол добил и Костадин Богданов, но тој не заминал за Хелсинки, а во Македонија, иако поканет остана и градоначалникот на Кавадарци и доскорешен потпретседател на партијата, Митко Јанчев. Освен нив, на Конгресот е поканета и исклучената од партијата, Емилија Александрова.
Извори за Телма велат дека тие се поканети како гости на Конгресот, покрај партиската делегација на Вмро-Дпмне, во која се претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, потпретседателот Александар Николовски и Тимчо Муцунски, советник за надворешна политика на Мицкоски. Во личните покани, што Дол ги испратил до нив, гледаат две причини.
Првата, да се слушне ставот на членови кои е различен од партискиот, и втората причина, да се испрати порака до раководството на Вмро-Дпмне дека сегашните политики на партијата се различни од оние што европските народни партии го имаат околу Договорот од Преспа и околу референдумот. Конгресот на ЕПП трае два дена, а средбите со разрешените партиски функционери се предвидени за утре.