
Жолти комбиња и странски служби нема вели министерот Спасовски, опозицијата прашува колку се безбедни и кандидатите и граѓаните
Жолтите комбиња повторно се паркираа во Собраниските дискусии. Новото возење го предизвика тврдењето на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски кој минатата недела обвини дека е цел на постојано следење од страна на тајна служба поврзана со голема опозициона партија, чии членови од администрацијата го следат. Опозицијата меѓу првите прашања кои му ги постави на министерот за внатрешни кој се бранеше од интерпелација беше безбедноста на претседателските кандидати. Странски служби и жолти комбиња нема, уверуваше Спасовски.
Случајот е пријавен во полиција и Пендаровски очекува разврска, па со нови изјави не сака да врши притисок. Тврди дека се чувствува безбеден и по пријавата во полиција не забележал ново следење или фотографирање.
Пендаровски тврдеше дека бил следен од луѓе вработени во администрација кои и порано делувале и собирале информации со следење на политички противници, јавни личности и црковни великодостојници. Спасовски пак на пратеничко прашање соопшти дека информациите се носени во опозициски аналитички штаб. ВМРО-ДПМНЕ негира дека се служи со такви методи и дека има таква служба.
Миомир Серафиновиќ