Живко Митревски тврди дека треба да се врати на чело на ССМ

Се тресе ли позицијата на првиот човек на ССМ, Дарко Димовски, и можно ли е таму да се врати поранешниот претседател Живко Митревски.

Тој тврди дека со пресуда на Управниот суд треба повторно да застане на кормилото на Синдикатот, бидејќи се покажало дека неговата смена била нелегитимна.

Судот, вели, на 8 мај годинава ја уважил неговата тужба и донел пресуда во негова корист, но по неколку дена ја поништил клаузулата според која решението е правосилно, со образложение дека претходно е направен пропуст, бидејќи на Димовски не му била доставена пресудата.

Митревски потоа се жалел до Вишиот Управен суд, кој за неколку дена треба да ја донесе конечната одлука.

„Одлуката на Управниот суд покажува дека е нелегален уписот на Дарко Димовски за в.д. претседател, дека уписот е спротивен и на сопствениот заклучок на Централниот регистар кој своевремено ја запрел постапката за негов упис, и дека уписот на Дарко Димовски е спротивен и на наредбата на јавен обвинител, каде се забранува негов упис, поради основани сомневања дека се извршени повеќе кривични дела , како што се фалсификувања на исправи, на печати и слично“, вели Живко Митревски, поранешен претседател на ССМ.

Според него, тоа што е оспорена правосилноста на пресудата е неосновано и е правен преседан, бидејќи, вели, и во неа стои дека со доставница Димовски бил известен да се вмеша во постапката како заинтересирано лице, но тој тоа не го сторил.

жСе надева дека Вишиот Управен суд ќе донесе правилна одлука и пресудата повторно ќе стане правосилна, што би значело дека тој повторно би бил впишан како претседател на ССМ.

Од актуелното раководство, пак, возвраќаат дека досега ниту тужба, ниту пресуда од страна на Управниот суд не се доставени до ССМ, ниту пак, во предметот има било каков доказ дека е направен обид за достава, со што на Димовски не му била дадена можност да ги образложи своите интереси, со што постапката била суштински повредена.

„Тужбата во наведениот предмет пред Управниот суд се води за сосема друга ситуација и исходот на овој спор никако не може во иднина да влијае на легитимитетот на изборот на Дарко Димовски за Претседател на ССМ, поради тоа што уписот на овластено лице, Претседател на ССМ е направен согласно Решение на Централен регистар, против кое не се води никаква постапка… Дополнително, никој не води било каква постапка со која се оспорува Вонредниот Конгрес на ССМ, кој беше спроведен врз основа на одлуки на органите и телата на ССМ и во согласност со Статутот на Синдикатот“, велат од актуелното раководство на ССМ.

Од Управниот суд за Телма велат дека постапката не е завршена и треба да се почека на Одлуката на Вишиот управен суд. Пред две години смената на челната позиција во ССМ помина со големи тензии, скршени стакла и асистенција на Полицијата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ