Живко Калков да биде нов стечаен управник на Бетон Штип

Собранието на доверители на штипската градежна компанија денеска донеса одлука стечајниот управник Драги Димовски од Струмица да се замени со Живко Калков од Скопје, кој на јавноста и е познат како стечаен управник за фирмите Медиа принт Македонија во чија сопственост беа згаснатите дневни весници и на Сејуриком, која ги обезбедуваше сите државни институции, а австрискиот сопственик избега.

Но, од штипскиот основен суд велат дека судијата кој ја води постапката треба во рок од три дена да утврди  дали има или не пречки за назначување на нов стечаен управник на градежната фирма Бетон. Доколку нема пречки Калков доаѓа на местото на Димовски.

Основен суд-Штип: На 7 февруари продолжува Собранието на доверители, на коешто ќе се одлучува по две точки, едната е дали останува истиот состав на Собрание на доверители и третата е произнесување за иницијативата за реорганизација на фирмата Бетон, доставена од еден од доверителите.

Доколку доверителите донесат одлука за реорганизација, во тој случај во рок од еден месец треба да достават план, како ќе продолжи да работи оваа фирма, а ако не го прифатат предлогот поранешниот втор по големина градежен играч ќе се ликвидира. Имотот на штипски „Бетон“ и неговите удели се вредни една милјарда денари.

Анализите покажуваат дека недвижниот имот на градежната компанија „Бетон“ е ставен под хипотеки кај банките. Побарувањата од доверителите и вработените се вкупно 1,5 милјарди денари, од кои признати побарувања се околу една милјарда денари.Бетон ќе остане запаметен како најголем тендерски корисник на проектот Скопје 2014 и е дел од истрагата Империја под сомнеж дека преку продажба на имоти се испрани четири милиони евра.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ