Жителите се исплашиле дека ќе им ги киднапираат децата од улица па претепале полицајци

Вчера во Шуто Оризари беше тензично. Жителите насобрани надвор, полиција, амбулантни возила. Се случи крвава тепачка. Локално население гневот го истури врз двајца полицајци во цивил. Едниот со тешки повреди се уште е во болнички кревет, а другиот се лекува дома.

„Ова е главната улица во населбата Шуто Оризари. Овде вчера околу седум часот попладнето се случи инцидентот во кој двајца полицајци беа претепани, при што едниот бил потешко повреден, а другиот полесно. Инцидентот се случил затоа што локалното население било гневно сметајќи дека полицајците се всушност луѓе коишто планираат да киднапираат девојче“

Полицајците не биле на должност во моментот додека биле тепани, а на жителите им биле сомнителни бидејќи се возеле во приватен џип без регистарски таблички кој за нив бил непознат, среде главната улица во населбата. Два часа пред да се случи тепачката, до полицијата стигнала пријава од девојче кое наводно видело како некои се обидуваат да киднапираат друго девојче во комбе.

„Вчера околу 17 часот и 20 минути пријавено е дека малолетничка на улица „Индира Ганди“ наводно видела како неколку лица насилно внесуваат женско лице во комбе. Веднаш после тоа се насобрале луѓе на таа улица, а некаде околу 19 часот наишло возило „Хјундаи“ во коешто имало три лица меѓу кои биле и двајца полициски службеници коишто не биле на работа“ кажа Тони Ангеловски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.

Едниот од двајцата полицајци бил донесен во бессознание, во Градската општа болница „8-ми септември“. Неговата состојба е непроменета во последното деноноќие и тој се уште е на апарати.

„Непосредно по приемот пациентот е интубиран. Направена е компјутерска томографија на глава, врат, граден кош и абдомен. Дијагностициран е едем на мозокот, со суспектно петехијално крварење во продолжениот мозок“ кажа доктор Јасмин Циривири, раководител на одделот за хирургија при Градската општа болница „8-ми септември“.

Од невладиниот центар за интеграција „Амбрела“ ја осудија тепачката, но побараа МВР повеќе да се ангажира за да го расчисти целиот случај и причината која довела до гнев кај локалното население. Ги обвинија институциите за пасивност во денови кога жителите на Шуто Оризари живеат во страв дека некој може да ги киднапира нивните деца од улица.

„Иако луѓето биле фатени на лице место сепак требало да повикаат надлежни институции пред се Министерството за внатрешни работи да го контактираат и на лице место да се востанови дали се тие потенцијални киднапери или не“ кажа Љатифе Шиковска од невладината организација „Амбрела“.

Истрагата на Министерството треба да покаже што правеле полицајците во цивил по работното време и дали некакви провокации претходеле на тепачката. Иако до полицијата стигнала пријава дека има обид за киднапирање во Шутка – никој не се јавил да пријави исчезнувње на девојче.

 Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ