Жителите роми од Прилеп дискриминирани заради немањето пристап до чиста вода

Жители од ромската населба во Прилеп се дискриминирани  по етничка припадност  затоа што општината и прилепски Водовод не им обезбедиле пристап до чиста вода за пиење, утврди  Апелациониот суд од Битола по тужба на припадници на ромската заедница  кои живеат на периферијата од градот.

Побарале судска заштита  затоа што сметаат дека немаат пристап до чиста вода како останатите граѓани  кои живеат во нивна близина токму затоа што припаѓаат на ромската заедница.  

Претходно Основниот суд во Прилеп ја одби нивната тужба како неоснована, но  битолска Апелација ја преиначи пресудата.  Постапката е поддржана од Здружението на млади правници од каде велат дека оваа пресуда е од исклучително значење.

-Ја поздравуваме оваа пресуда и сметаме дека се гради позитивна судска пракса  во однос на тоа дека водата е човеково право и во однос на тоа дека борбата против дискриминација е еден од главнте столбови на едно демократско општество, вели Александара Цветановска, Македонско здружение на млади правници

Од прилепски Водовод не прифаќаат дека дискриминираат по било која основа. Велат за објекти кои се дивоградби не постои начин да се  изгради водоводна мрежа се додека не се урбанизира тој дел од градот.

-За да не се дискриминира дел до населението, а се да биде во рамките на позитивните законски прописи, најдовме решени, па во населбата поставивме 4 јавни чешми со питка вода. Треба да се прекршат серија закони  за да се однесе вода до нелегални објекти, изјави за Телма директорот на ЈКП „Водовод и Каназлизација“, Емил  Јанески.

Но, од Здружението на млади правници велат дека судот ја применил и одредбата од Уставот според која државата треба да обезбеди здрава и чиста вода за пиење, како  и  резолуцијата на Обединетите нации со која пристапот до вода е човеково право. 

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ