Жителите на штипската улица „Панче Караѓозов“ веќе десет години се мета на крадците

Жителите на штипската улица „Панче Караѓозов“ веќе десет години се мета на крадците, од нивните домови крадат пари, врати, паричниците, алати, а последната кражба е за време на викендов во куќата на семејството Стојчеви, коишто откако се вратиле од свадба по неколку минути забележале како во дворот двајца крадци им крадат дрва.

Едниот успеал да побегне, а вториот заглавил во соседниот двор. Додека ја чекале полицијата, на помош на крадецот пристигнале уште тројца со секири и кама, по што се одвивала вистинска драма.

Мештаните на оваа улица велат дека незнаат веќе на кој начин да се заштитат од крадците. Високите огради и ѕидовите од неколку метри не ги спасуваат, често пати имаат и блиски средби со нив во домовите.

Нападот на овие луѓе со секири од страна на засега непознати сторители е причината што денеска се собраа и почнаа иницијатива за поголема безбедност на овој дел од градот.

Сметаат дека ако ја преземат правдата во свои раце од жртви и тие ќе станат сторители на кривично дело, затоа бараат под итно полицијата да ги фати сторителите, но и напаѓачите со секири  да бидат казнети. Исто така апелираат СВР-Штип да имаат поголема контрола во оваа населба од страна на маалските полицајци.

Од СВР-Штип соопштија дека на последниот случајот работат, а исто така ќе ги засилат и контролите од страна на позорникарите.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ