
Жестока дебата во Собранието за рудниците, дали се опасни или безбедни за здравјето на граѓаните
Жестока расправа на собраниската комисија за економски прашања околу рудниците, повиканите имаа целосно спротивни мислења околу сите прашања – дали законските измени што ги предлагаат група пратеници се однесуваат само за новите потенцијални рудници, или ќе ги загрозат и постоечките, дали цијанидот кој рудниците го користат во работењето е опасен или не за животната околина и за здравјето на граѓаните, дали тој е забранет или дозволен во Европа и светот, па до тоа дали рударскиот сектор ангажира 12.600 луѓе како што тврдат неговите претставници, или од 2 до 4 илјади како што убедуваат еколошките здруженија.
Невладините децидни дека рударството каде екстракцијата се врши со лужење со отворен коп, е прогласено за индустрија која е најголем загадувач од Американската агенција за заштита на ѓивотната средина.
„Ќе се предизвика егзодус на околу 400 000 граѓани од тој регион“, вели Ангел Наков, граѓанско здружение „Спас за нас“..
Од рударскиот бизнис децидни – рудата со разредени количини цијанид ја вадиме со години наназад и никој не заболел, а законските измени можат да ги избркаат инвеститорите од земјава.
„Велите немало ѓиво пиле покрај рудниците, еве слика со гнезда од ласстовички“, рече Николајчо Николов, претседател на Македонска асоцијација за рударство.
Поделеност и во научната фела. Професорот Голомеов информира дека Европската комисија ја одбила генералната забрана за цијанид.
„Доволна е регулативата која постои во Македонија, преку неа државата може да води сметка за безбедноста“, рече Благој Голомеов, Универзитет Гоце Делчев Штип.
Професорот Шкариќ, пак, вели дека здравата животна средина е основно уставно право на граѓаните.
„Власта има моќ да додели концесии и без да го чуе гласот на народот, тоа мора да се промени“, вели Светомир Шкариќ, универзитетски професор.
Пратеничката Лилјана Поповска, една од предлагачите на законските измени образложи дека тие не биле насочени кон постоечките рудници, туку целта е да се спречи отворање на нови, со што теритопријата на цела држава би се разорила од површински копови.
Нина Нинеска-Фиданоска