Жената која 25 пати се сретна со папите

Шегата на еден политичар дека, папата се чуди, кого ли годинава Аленка ќе доведе во Ватикан, всушност е полу-вистина. Преведувачката која 25 години беше дел од делегациите што на секој 24-ти мај го посетуваа гробот на св.Кирил и Методиј,  ја препознавале и папите, особено Бенедикт 16-ти.

Бенедикт е и нејзиниот фаворит меѓу сите тројца папи со кои се запознала и за кои вели дека биле љубезни и добри.

Аленка почнала да преведува од италијански уште во поранешната СФРЈ. Подоцна им преведувала на Кљусев, на Глигоров, на Андов, Трајковски, Црвенковски,Георгиевски, Груевски…Последен пат во Рим била со поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, по што решила да се пензионира.Со папата се сретнал и Стево Пендаровски, но како дел од делегацијата на тогашниот претседател, Бранко Црвенковски. Од сите политичари, највозбуден дека ќе се сретне со папата бил Љубчо Георгиевски, иако и за Борис Трајковски  средбата била од големо значење. Љубиша Георгиевски, пак, бил перфекционист, при посетата сакал се` да биде совршено, но на крајот ништо не било како што треба.

Се сеќава и на случката кога задоцниле, па со папата се сретнале надвор, а подоцна сите се шегувале со нив дека ги пречекал на паркинг. Аленка вели дека протоколот за тие посети бил многу строг, жените морале да  носат здолниште со должина под колената, главата да им биде покриена со марама, а сакоата да бидат со долги ракави. Затоа и самата се чуди, како ја пуштиле внатре кога сега, разгледувајќи стари фотографии, најде една на која е со полу-кратки ракави.За да не носи марама, се оправдувала дека таа не е дел од официјалната делегација, туку само преведувач.

Од ватиканскиот протокол многу внимавале и на меѓудржавните спорови.

На новинарите им било забрането да влезат на средбата со папата, но на две од нив им успеало да се протнат внатре, а едната дури и да се слика со него.

Од сите средби  се враќала со подароци од папите, најчесто бронѕени медали и бројаници, со кои сега си играат нејзините внуци. За актуелниот папа вели дека во поглед на подароците е најштедлив. Не бара да се изработат нови, туку ги дели медалите останати од неговите претходници. Не е зачудена од неговата посета на Македонија. Вели дека, за разлика од претходните папи, кои исто така секогаш биле поканети да дојдат, тој е познат како шетач.

Аленка денеска повторно ќе го види папата, но овојпат нема да се ракува со него, ниту, пак, ќе му преведува. Тоа им го препушта на младите генерации.Таа ќе биде во толпата на плоштадот во Скопје, за што веќе има обезбедено и билет.

Далиборка Демјанска Цветановска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ