
Жена повредена од пукотници на свадба
Пукањето по свадбените веселби оваа сезона не поминува без повредени и материјална штета. 53- годишна жителка од Тетово вчера се здобила со прострелна рана на левата надлактица, откако била на свадбена церемонија во двор од куќа на улицата Полог во Тетово, каде гостите се забавувале со истрели од огнено оружје. Таа во еден момент се пожалила на болки и од присутните веднаш била пренесена во Клиничката болница Тетово.
Заталкан куршум пак испукан на свадбена церемонија вчера завршил во патничко возила БМВ со австриски таблички, кое се движело по Автопатот Тетово – Гостивар.
27 -годишниот возач кога поминувал со автомобилот после наплатната рампа Тетово забележал колона на возила од семејна веселба која пукало од огнено оружје, при што еден куршум завршил во неговото ветробранско стакло.
Полицијата секоја година регистрира голем број повредени, материјална штета но и загинати од залутани куршуми, испукани на свадбени церемонии за време на летниот период. Оттаму апелираат граѓаните да се воздржат од употреба на огнено оружје на веселби, дело за кое може да се гонат и кривично.
Пред неколку години во Гостивар од залутан куршум на свадбена церемонија загина десетгодишно дете, додека со своите другарчиња си играше пред зграда.
Зоран Димовски