Зголемен бројот на пациенти со леукемија – терапија имаат доволно, но чекаат и нови лекарства

Во период од три години, две тешки операции. Лекарите двапати му трансплантирале матични клетки на Трајче Пендаровски, за тој да ја победи хроничната леукемија. После првата операција болеста повторно му се вратила. Откако ја добил дијагнозата, животот целосно му се променил.

„Не можеш да ги работиш тие работи коишто си ги работел. Јас бев хиперактивен, работев, а сега не можам веќе. Немам сила, треба да се внимава на инфекции, на болести затоа што организмот веќе е нападнат со тешка болест и не му требаат други некои болести да го ослабнат уште повеќе“ изјави Трајче Пендаровски, пациент.

Втората операција, Трајче Пендаровски ја имал пред околу седум месеци. Резултатите сега му се добри, а контролите на лекар редовни. Терапија има во доволни количини, но во светот има и нови лекови кои ги нема во земјава и треба да бидат увезени, апелира тој.

„Медицината напреднува, има подобри лекарства, понови и затоа преку здруженијата апелирам што побрзо тие лекарства да се донесат овде“ изјави Трајче Пендаровски, пациент.

Болестите на крвта се тешки, а бројот на пациенти во Македонија расте, предупредуваат докторите. За четири години, во Македонија пораснал бројот на пациенти со акутна леукемија.

„Во 2014 година, во текот на целата година биле дијагностицирани 50 пациенти со акутна леукемија, минатата година беа 91 пациент со акутна леукемија, а до 30 јуни оваа година веќе имаме 50 новодијагностицирани пациенти со акутна леукемија“ изјави Ирина Пановска – Ставридис, директор на Клиниката за хематологија.

„Бројот на пациенти во овој момент е зголемен за близу 80%. Не зборам само за хематолошките, зборувам за сите онколошки пациенти“ изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Терапија има за сите пациенти со хематолошки заболувања, уверуваат надлежните. Министерот Филипче најави законски измени за да се промени позитивната листа на лекови, а се пофали и дека веќе е увезена нова терапија која досега ја немало во земјава.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ