
Земјоделците не ги осигуруваат посевите, Анѓушев им порача на осигурителните компании да не го избегнуваат плаќањето на штетите
Земјоделците не ги осигуруваат своите посеви, само четири отсто од вкупно 90 илјади во земјава имаат полиса за земјоделско осигурување, а штетите кои ги трпат од се посилните временски неприлики ги покрива Владата со буџетски пари, за што во просек троши по 5 милиони евра годишно. Вицепремиерот Анѓушев за ова прстот го впери кон осигурителните компании, ги искара дека изнаоѓаат разни начини како да го избегнат плаќањето на штетите.
Само професионално работење на Агенцијата за супервизија на осигурување, добро поставени правила на игра и јасни критериуми што и како треба да биде платено, и договори без ситни букви од осигурителните компании, се гаранција за земјоделците дека ќе добијат заштита за која платиле со плаќање на осигурителната премија, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Му возврати првиот човек на Агенцијата, Поповски, во одбрана на осигурителните куќи, вели, тие не им остануваат должни на земјоделците.
Остварените приходи од продажба на полиси за змејоделско осигурување заклучно со трет квартал 2018 достигнуваат најголем износ на премии, 210 милиони денари, додека исплатените штети изнесуваат 125 милиони денари. Тоа значи дека осигурителните компании ги враќаат парите и го помагаат земјоделството со исплата на штети, вели Климе Поповски, Агенција за супервизија на осигурување.
Сепак признава дека во однос на земјоделското осигурување, уште сме далеку од развиените земји, а предупреди дека силни поплави би можеле во Македонија да предизвикаат загуба и до една милијарда евра.
Мерката со која Владата покрива 60 отсто од премијата на земјоделците, сепак, дава резултат, вели министерот Николовски.
Како да се подигне свста кај земјоделците и да се подобри состојбата, во моментот се разгледуваат турскиот и шпанскиот модел на осигурување.
Нина Нинеска-Фиданоска