
Земјоделци со маски ја почнаа пролетна сеидба
Раздвижено е во кочанско поле, земјоделци со трактори, но и на нивите со маски ја почнаа пролетна сеидба. На едниот крај нивите се орат, а некои и рачно ја сеат пченката, на другиот крај од полето нивите за ориз се наполнети со вода, по што оризопроивидителите ќе влезат во нив и ќе го посеат оризовото семе. На регистрираните земјоделци не им е тешко да се движат и за време на полицискиот час, но пезнионерите кои живеат по градовите мора да вадат посебни дозволи, за да дојдат до своите ниви.
Поради сушата површините под ориз во кочанско-виничкиот регион се намалени и тоа за една третина. Браната Калиманци има вода, но е половина помалку во однос на лани.
Под ориз ќе се наводнуваат околу три илјади хектари, во кои се вклучени и површините во атарот на селата Карбинци, Жиганци и Уларци што се под надлежност на водостопанската подружница од Свети Николе. За полнење на нивите за почеток ги користиме проточните води од реките, за да зачуваме што поголеми количини што се акумулирани во браната Калиманци, велат во водостопанска подружница „Брегалница“.
Земјоделците кои ги затекнавме велат дека проблеми имаат и со непостојаната откупната цена, но и со грижата дека еден ден нема кој да ги замени.
Во кочанскиот регион наводнителната сезона почна, а први кои ќе го посеат оризот се во атарот на Оризари.
Викторија Јованова