Земјава во портокалова фаза, дa сe избегнува директно изложување на сонце

Сончево и топло, со слаб до умерен ветер од јужен правец, максимална температура до 38 степени и УВ индекс 9. Вакво ќе биде времето денеска, а од утре, под влијание на многу топла воздушна маса, се очекуваат над 40 степени и активирање на т.н. портокалова фаза.

Според УХМР, само во петок ќе има извесно зголемување на облачноста.

Надлежните апелираат, поради најавените високи температури, да се почитуваат препораките за заштита, не само за неизложување на директно сончево зрачење, туку и за внимателно консумирање храна, правилно однесување при движење на отворено и во природа, како и правилен третман на домашните, фармски животни.

-Граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да носат заштитни очила и капа, да конзумираат лесна храна и течности, да внимаваат при подготовка и конзумирање на храната, да избегнуваат термички необработени производи како мајонез од домашни јајца, внимателно да консумираат сладолед и разни кремови, да внесуваат поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, а пред влегување во возило, одреден период да го проветрат, истакнуваат надлежните.

Во топлите денови се препорачува граѓаните да останат во затворени простории, пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор, да најдат можност за почести одмори под сенка. Хронично болните лица редовно треба да ја земаат пропишаната терапија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ