
Земјава предвреме ја уништи индустријата, тоа е причина за слабиот раст, вели бизнисот
Земјава предвреме ја уништи својата индустрија, слепо следејќи туѓи искуства, тоа е причина за слабиот економски раст. Од 2001 до 2017 имаме просечна стапка од 2,7 отсто, што е помалку од сите земји во соседтството, тоа значи дека ние уште не сме ги спровеле реформите, критикуваат бизнисмените. Сегашното учество на индустријата од само 11,8 отсто во БДП е на опасно ниско ниво, затоа индустријата мора да ни биде главна задача.
- Не можеме да се споредуваме со држави кои имаат хај тек индустрија и каде вложувањата во истражувања и наука се десет пати повисоки од кај нас. Истражувањата покажуваат дека држави со БДП по глава на жител од три до девет илјади долари својот развој мора да го темелат на ефикасноста, продуктивноста и на извозот, тоа значи на индустријата“, вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.
Тоа нема да се постигне без државна помош. Субвенциите што државата ги дава од лани преку Законот за финансиска поддршка е само знак дека власта има добра намера, но и тука се направија пропусти, смета Димитров.
- Можеби тука грешка се направи што се даде големо учество само за некакви иновации, иако Владата вели дека тоа не е Фонд само за иновации, туку и за технолошки развој, каде се добиваа одредени грантови, за кои потоа се виде дека има и одредени сомнителни работи, додека за цела индустрија субвенциите се сведоа на 10 отсто. Бидејќи, тешко ќе направите разлика дека одредена автоматска машина што ја купува компанијата ги зголемува само капацитетите на производството и за тоа добива само 10 отсто, или има и некаква иновација која треба да добие од 40 до 50 отсто“, вели Димитров“, вели Димитров.
На трибината на Ротари клубот за перспективите на економијата во пресрет на ЕУ, пак, премиерот Заев тврди дека Владата ги спроведува реформите, и од нив нема да остапи и покрај критиките од граѓаните и експертите. Таков е примерот со јавното приватно партнерство во здравството. Поволниот политички момент мора да се искористи и заедно да ја прилагодиме економијата на европскиот пазар. Сепак, има и слабости, признава премиерот.
- Главната задача ни е како да ја направиме многу поефикасна, професионална и ефективна јавната администрација, тука ни е слабата карика, другиот дел на флексибилноста е генерално постигнат, верувам дека ќе ги јакнеме нашите капацитети“, вели премиерот Зоран Заев.
Тој во првиот квартал очекува раст од над четири проценти, а за цела година да се надминат проекциите од 3,2 отсто, и покрај помалите прогнози на Светска банка. Оптимизмот му го поткрепиле и бројките што во првите три месеци капиталните инвестиции во патишта се зголемени за 300 отсто, а извозот и увозот од ТИРЗ-овите пораснале за над 25 проценти.
Нина Нинеска Фиданоска