
Земјата во гостиварско се наводнува со фекалии од магистралниот канал
Наместо со чиста вода земјоделската површина во гостиварско се наводнува со фекалии и друг разновиден течен отпад. На магистралниот канал за наводнување Здуње – Пирок, на диво се приклучени одводни фекални системи од индивидуални објекти, а често пати каналот се користи и како депонија каде се фрла се и сешто, реагираат вработените од АД Водостопанство подружница Полог.
Магистралниот канал се снабдува со вода од изворот на Вардар, и наменет е за наводнување на околу 3000 хектари земјоделска површина.
Секундарна цел на каналот е регулирање на површинските води во случај на голем водостој, односно поплави. Но истиот за запушува со разновиден смет и најчесто при поголеми поројни дождови, водата се излева во околните ниви.
Од Општина Гостивар, велат дека нивни екипи ќе излезат на терен да ја проверат состојбата, и како што рекоа секој кој го злоупотребува каналот ќе сноси одговорност.
Голем дел од каналите за наводнување во полошко се руинирани и низ нив тече загадена вода.И додека постојните не се одржуваат и контролираат, владата минатиот месец најави изградба на нов систем за наводнување Равен – Речица наменет за над 3000 хектари земјоделска површина во атарите на општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово.
Зоран Димовски