Зелениот кров на ГТЦ повторно мета за демолирање

Обид за демолирање на новиот зелен кров на ГТЦ вчера вечер, по најавата на Град Скопје дека ќе биде пуштен за употреба во петок. Но, обезбедувањето од трговскиот центар реагирало на време и ги спречило сторителите да уништат било што.

Како што може да се види од снимките на безбедносните камери, кои ги објави градоначалникот Шилегов, непознатите сторители околу 1 часот по полноќ, облечени во црна гардероба и капи, биле фатени и спречени од обезбедувањето на ГТЦ, да го демолираат зелениот кров , по што го напуштиле местото. Според Шилегов, кога Градот ќе заврши некој проект, се појавуваат чудни сили, во обид да го уништат сработеното.

– Чудни некои сили, таман Градот нешто ќе подзаврши, па чудни сили се појавуваат, да го скршат тоа.Чудни сили палат контејнери , чудни сили кршат зелени кровови.

Случајот за Телма го потврдија и од ГТЦ, но не сакаат да зборуваат во камера. Иако градоначалникот Шилегов на ФБ напиша дека сторителите се приведени и предадени во полиција, од МВР кусо одговорија дека случајот не е пријавен кај нив. Ова е втор обид за демолирање на зелениот кров во изградба. На крајот на август, сопственик на хотел во ГТЦ, поради тоа што не му беше дозволено на кровот да изгради тераса, кршеше инсталации и друга опрема, правејќи штета од околу 5000 евра, по што заработи тужба од фирмата која ги врши градежните зафати.

Зелениот кров на ГТЦ се прави од почетокот на годината, со цел, како што најавија од Град Скопје, да се намали загревањето во центарот на градот.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ