
Зекири и Заев со различни ставови за ДУИ
Претседателот и потпретседателот на СДСМ со различни ставови за евентуалното постизборно коалицирање со ДУИ.
Мухамед Зекири, синоќа за ТВ 21 рече дека не сака коалиција со партијата на Али Ахмети, затоа што тие се најголемото зло за Албанците. Заев, пак, денеска изјави дека за тоа одлучуваат други.
Коментирајќи ја вчерашната изјава на Ахмети, дека партиските рокади во МВР не му одат во прилог на владиното партнерство и дека се отстранува кадар близок до ДУИ, а се именуваат луѓе блиски до СДСМ, Заев рече дека, првпат слуша за нешто такво и дека тоа законски не е можно. Зекири, пак, синоќа изјави дека МВР не е партиски штаб.
Зборувајќи за нетрпеливоста во коалицијата СДСМ – ДУИ, рече и дека партијата што тој ја претставува повеќе не треба да ѝ помага на ДУИ.
Тврди дека најмалку четири големи општини ДУИ ги имаат добиено од гласовите на СДСМ.
Но, Албанците кои гласале за СДСМ, според него, гласале за да ги казнат ДУИ. На ова денеска Ахмети кратко прокоментира дека Зекири не е легитимен претставник на ставовите на СДСМ.
ДУИ и СДСМ на локалните избори коалицираа предизборно, но сега таквата варијанта се исклучува. Комбинаторики ќе се прават по изборите, кога ќе се види резултатот кај сите партии.
Далибора Демјанска Цветановска