
Здруженија и партии во коалиција против уставните измени
Предвремени избори и распуштање на Собранието, протести но и посети на домовите на пратениците од опозицијата кои ги поддржаа уставните измени. Осумдесетина граѓански здруженија од Македонија и дијаспората како и неколку политички партии денеска потпишаа меморандум за соработка преку кој треба да се спречат уставните измени и промена на името на државата. Единствена Македонија, Демократска фракција и здруженијата Тврдокорни и Христијанско братство се најзвучните имиња во оваа конфедерација на здруженија и партии.
На потпишувањето беше истакнато дека со бојкотот на референдумот била извојувана само делумна победа, и дека сега треба да се прејде на протести но и на предвремени избори кои во никој случај не би требало да ги организира актуелната власт.
Присутните тврдеа дека се мета на странски служби и тајната полиција кои се обидуваат да го спречи нивното обединување и окрупнување.
Огнен Чанчаревиќ