Здравствените власти бараат да се постави термо камера и на аеродромот во Охрид – на граничните премини само флаери

Здравствените власти во земјава ќе побараат термо-камера и за охридскиот аеродром. На граничните премини нема да се скенираат патниците, но ќе се дели информативен материјал. Ова се превентивни мерки на надлежните откако вчера Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба на глобално ниво поради коронавирусот. Комисијата за заразни болести кај нас од понеделник ќе има состаноци секојдневно за да следат како се развива состојбата со вирусот во другите земји.

Термо камерата евентуално би била за другиот аеродром, за сега нема апсолутно нема најава дека има такви летови, а би била евентуално доколку некој лет се пренасочи, доколку не може да слета тука во Скопје. Што се однесува до другите гранични премини, согласно препораките од СЗО ќе се дели информативен материјал односно како да се постапи доколку има некој случај, но истовремено доколку има високосуспектен случај ќе биде консултиран Институтот за јавно здравје, односно Центарот за јавно здравје согласно распоредот којшто е веќе направен за да се консултира епидемиолог. изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Одлуката за прогласување вонредна состојба од СЗО ја објаснваат со тоа дека коронавирусот лесно може да биде пренесен во секоја земја. Сметаат дека ако здравствените власти насекаде во светот применат исти или слични мерки против некоја глобална закана за здравјето на луѓето, може подобро да се одговори на предизвикот. Вакцина се уште нема, а епидемиолозите се обидуваат да најдат решение за заразата.

Ова е нов вирус и сите земји учат како да се справат со него. Ништо не е фиксно и секојдневно следиме што се случува и разгледуваме како да се справиме со новиот вирус, вели претставникот на СЗО Жихан Тавила.

Бројките секојдневно растат. До вчера впишани се повеќе од 9700 инфицирани. Бројката на починати, главно луѓе со хронични болести порасна н 213 случаи. Заразата брзо се шири и во Европа. На листата на европски земји каде што епидемиолозите лабораториски потврдиле случаи на вирусот од денес се наоѓа и Велика Британија со два случаи. Болни има и во Италија, Франција и Германија и Финска.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ